Унгарскиот МОЛ ги зголемува испораките за Србија по санкциите на САД врз НИС

Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките за Србија по санкциите на САД врз рафинеријата НИС, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, пренесува Ројтерс.

„Бидејќи МОЛ игра важна улога во снабдувањето на Србија со сурова нафта и гориво, нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемена понуда од МОЛ“, рече Сијарто, додавајќи дека ова зголемување нема да може целосно да го компензира недостатокот на испораки од Хрватска.

Вчера, нафтената индустрија Србија (НИС) која е во  мнозинска сопственост на Русија, не доби ново одложување на санкциите на Вашингтон воведени врз рускиот енергетски сектор.

Во август, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, со ново едномесечно продолжување на лиценцата, овозможи продолжување на испораката на сурова нафта до НИС до 29 септември, потсетува ХРТ, а потоа дополнително до 8 октомври.

Јадрански нафтавод (Јанаф), кој транспортира нафта до рафинеријата во Панчево, главен снабдувач на нафтени деривати на српскиот пазар, во среда објави дека добила лиценца што овозможува учество во активности што се вообичаени и неопходни за транспорт на нафта до 15 октомври оваа година, со цел да се завршат сите активности преземени врз основа на тековниот договор за транспорт на сурова нафта.

Јанаф, кој испорачува помеѓу два и три милиони тони нафта и заработува околу 40 милиони евра приходи, минатата година потпиша договор со НИС за транспорт на 10 милиони тони нафта до крајот на следната година.

Спроведувањето на санкциите, воведени во јануари, досега е одложувано осум пати. Санкциите врз српската нафтена индустрија се дел од казнениот пакет санкции на Соединетите Американски Држави против рускиот енергетски сектор, а НИС е под лупа на американските санкции од почетокот на оваа година, бидејќи повеќе од 55 проценти од акциите во таа компанија се заеднички во сопственост на руските „Газпром Нефт“ и „Газпром“.