Давос на пресвртница: Светскиот економски форум во борба за сопствен опстанок

Светскиот економски форум (СЕФ), некогаш симбол на глобалната соработка, сега се соочува со криза на доверба, внатрешни партиски конфликти и губење на влијанието што ја обликуваше светската економска агенда со децении, пишува Фајненшл тајмс (ФТ).

По низа обвинувања, внатрешни проблеми и заминувањето на основачот Клаус Шваб, угледот на Форумот и неговата иднина се ставени на тест пред самитот во јануари 2026 година.

Кризата избувна во август, кога на одборот на СЕФ му беше презентиран доверлив извештај од швајцарската адвокатска фирма Хомбургер. Истрагата вклучуваше повеќе од 100.000 е-пораки, десетици илјади документи и речиси 60 интервјуа со сегашни и поранешни вработени. Целта беше да се утврди дали Шваб (87) и неговата сопруга Хилде го претвориле Форумот во приватна империја и извор на сопствено збогатување.