Цената на бакарот расте – инвеститорите загрижени по несреќите во рудниците

Цените на бакарот се искачија на близу 11.000 долари за тон, што ги одразува стравувањата на инвеститорите од недостиг по серијата несреќи во големите рудници.

Цената на бакарот накратко достигна 11 илјади долари за тон во четвртокот во референтните тримесечни фјучерси договори на Лондонската берза за метали (LME).

Ова значи дека со раст од 3,1 проценти, се приближи до највисокото ниво откако црвениот метал се тргува на берзата, од 11.104,5 долари за тон, што го достигна во мај минатата година.

Пред затворањето на вчерашното тргување, цените се стабилизираа, па бакарот го заврши денот на ниво од 10.867,5 долари за тон.

Вкупните залихи на бакар во системот за складирање на Лондонската берза за метали сега изнесуваат 139.475 тони и се на најниско ниво од крајот на јули.

Зголемувањето на цените делумно може да се припише на враќањето на кинеските инвеститори на пазарот по седумдневните празници. Кина е најголемиот потрошувач на црвениот метал во светот.

Западните инвеститори се свртеа кон бакарот некаде кон крајот на третиот квартал, кога американската рударска компанија „Фрипорт“ објави затворање на рудникот Грасберг во Индонезија, со најава за „виша сила“, објаснува експертот на брокерската компанија „Марекс“, Аластер Мунро.