
Во рамките на постојаната соработка со централните банки во регионот, Народната банка беше домаќин на делегација од Централната банка на Косово. Делегацијата ја предводеше вицегувернерката Несрин Шилеку Шала, којашто оствари средба со вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами.
Целта на работната посета беше размената на искуства и знаења во доменот на заштитата на потрошувачите, како една од важните области во функционирањето на модерните централни банки. Се зборуваше за споделување на добрите практики, регулативните рамки и на оперативните процедури коишто се однесуваат на заштитата на потрошувачите корисници на финансиски услуги.
Оваа посета претставува важен чекор во јакнењето на билатералната соработка меѓу двете централни банки како значаен предуслов за унапредување на капацитетот на двете институции и ја истакнува посветеноста на Народната банка на постојаниот развој и усогласување со најдобрите меѓународни стандарди во сите области на своето делување, вклучувајќи ја и заштитата на потрошувачите.