Заборавете на рецесијата: Нов тренд во глобалната економија

Додека до неодамна аналитичарите предупредуваа на заканата од глобална рецесија, најновите индикатори укажуваат на сосема спротивен тренд – светската економија во моментов „се загрева“.
Во извештајот на Ројтерс се вели дека владите и централните банки ширум светот одржуваат силен стимул за одржување на растот и побарувачката, и покрај инфлаторните притисоци и растечкиот долг. И покрај повиците за затегнување на ременот, најголемите економии во светот – вклучувајќи ги САД, Германија и Франција – продолжуваат со експанзивни фискални политики, објавува BiznisInfo.ba.

Соединетите Американски Држави размислуваат за нови даночни олеснувања, додека Германија и Франција бележат рекордни нивоа на јавна потрошувачка. Европските влади инвестираат сè повеќе во енергетската транзиција, одбраната и дигиталната инфраструктура, дополнително стимулирајќи го растот на побарувачката во реалниот сектор.

Ваквата комбинација од јавни трошоци и лабава монетарна политика, според аналитичарите, создава економија која „работи над својот капацитет“ – односно функционира според принципот дека вработеноста и потрошувачката се високи, а инфлацијата се толерира како „помало зло“ во споредба со стагнацијата.

Инвестициите и вештачката интелигенција како мотор на растот
Силниот бран инвестиции во вештачката интелигенција, дигиталната економија и индустриската модернизација дополнително го поттикнува растот. Компаниите ширум светот, од Силиконската долина до Азија, инвестираат милијарди долари во развој на нови технологии кои ја зголемуваат продуктивноста, но исто така создаваат нова побарувачка за енергија, чипови и софтвер.

Ваквите инвестиции привремено го зголемуваат глобалниот БДП, но и ризикот од „прегревање“ – бидејќи пазарите на капитал стануваат зависни од континуираниот раст на вредноста на акциите, особено во технолошкиот сектор.

Ризици: раст на цените и можна корекција на пазарот
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Банката на Англија предупредуваат дека глобалниот раст може да биде „вештачки одржуван“ и пазарите преценети.

Според нивните проценки, доколку циклусот на високи каматни стапки и фискални стимулации продолжи предолго, инфлацијата би можела повторно да се забрза, а пазарите на капитал би можеле да доживеат „остра корекција“, особено во сегментот на акциите на технолошките компании.

– Светската економија повеќе не балансира помеѓу раст и стагнација, сега балансира помеѓу експанзија и прегревање – според Ројтерс.

Рекордни инвестиции
Наместо очекуваното забавување, глобалната економија влегува во 2025 година со растечка побарувачка, стабилни пазари на труд и рекордни инвестиции.

Сепак, прашањето што ги загрижува економистите сè повеќе е – колку долго светот може да „вози со полн гас“ пред моторот да почне да се прегрева?