Контроверзен предлог:Грција гласа за 13-часовен работен ден

Членовите на грчкиот парламент денеска треба да гласаат за контроверзна реформа со која владата на десниот центар ќе воведе можност за 13-часовен работен ден до 37 дена во годината под одредени услови.

Во два наврати, на 1 октомври и во вторник, Грција беше делумно парализирана од општ штрајк против тој закон, кој синдикатите го нарекуваат „достоен за средниот век“.

Опозицијата и синдикатите се побунија против оваа мерка што ја застапува министерката за труд и социјална сигурност Ники Керамеус, која предвидува дека за дополнителни 40 проценти од платата, вработените работат до 13 часа на ден за истиот работодавач.

Во таа земја, која се опорави од финансиската криза, но каде што економијата е сè уште ранлива, таква можност веќе постои, но само ако вработениот работи за два или повеќе работодавачи, пишува агенцијата Франс Прес. Сегашното законско работно време во Грција моментално е осум часа, со можност за три часа прекувремена работа.

Новиот закон навистина би можел да помине

Се очекува дека само партијата Нова демократија (НД) на премиерот Киријакос Мицотакис, кој е на власт од 2019 година, ќе гласа за новиот закон, но тоа ќе биде доволно за да се усвои реформата бидејќи таа десноцентристичка политичка група има 156 од вкупно 300 претставници во грчкиот парламент.

Мерката би важела само „до 37 дена во годината“ и би била на доброволна основа, нагласува министерката за труд, која тврди дека дискурсот на опозицијата за 13-часовниот работен ден е „неточен и погрешен“. Керамеус верува дека ова сугерира дека „сите ќе работиме 13 часа на ден во текот на целата година“, изјави таа за телевизијата Скај. „Дали е тоа вистина? Не е. На овој начин ќе биде можно да се работи до 37 дена во годината, односно во просек три дена месечно“.

Во Грција, според Евростат, неделното работно време (39,8 часа) е повисоко од вкупниот просек на Европската Унија (35,8 часа). Грција веќе ја воведе можноста за шестдневна работна недела, особено во случај на голема побарувачка во сектори како што е туризмот.