Крај на една ера: Gucci парфемите во рацете на L’Oréal од 2028

Сопственикот на брендот Гучи, француската луксузна група Керинг, објави дека постигнала договор за продажба на својот бизнис со козметика и парфеми на Лореал за четири милијарди евра. Одлуката е дел од стратегијата на новиот извршен директор Лука де Мео за намалување на високите долгови и пренасочување на групацијата кон нејзината основна дејност – модата.

Според договорот, L’Oréal ќе ја стекне луксузната линија парфеми на Kering, Creed, како и ексклузивните права за развој на парфеми и козметика под модните брендови Gucci, Bottega Veneta и Balenciaga, под лиценца што ќе важи 50 години. Лиценцата за парфемите Gucci моментално е во рацете на американската компанија Coty, а новиот договор ќе стапи на сила по неговото истекување, во 2028 година, објавува Ројтерс.

Продажбата претставува голем чекор кон намалување на нето-долгот на Kering, кој изнесуваше 9,5 милијарди евра на крајот на јуни, со дополнителни шест милијарди евра долгорочни обврски за закуп, што предизвика загриженост кај инвеститорите. Kering веќе некое време се бори да го запре падот на продажбата на својот најголем бренд, Gucci, чии резултати се погодени од послабата побарувачка на неговиот клучен кинески пазар.

Договорот со L’Oréal доаѓа помалку од два месеци откако де Мео ја презеде функцијата директор, почнувајќи да ја демонтира една од клучните стратегии на својот претходник.