
Денес, Советот на ЕУ постигна консензус за преговарачката рамка на земјите членки во врска со Предлог-регулативата за прекин на набавките на руски енергетски производи. Ова се случи откако во четвртокот документот беше одобрен со големо мнозинство од страна на комитетите за индустрија, истражување и енергетика, како и за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
“Енергетски независна Европа е посилна и побезбедна Европа.”
Данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги, Ларс Агард, изјави дека иако во изминатите години интензивно се работело на тоа да се ослободи Европа од рускиот гас и нафта, таа цел сè уште не е постигната. Според него, со прифаќањето на предложената регулатива, дефинитивно ќе се спречи влезот на рускиот гас во ЕУ.
Целта на Регулативата е да се елиминира зависноста на Унијата од руските енергетски извори и да се избегне ситуација во иднина Русија да ги користи гасот и нафтата како инструмент за притисок.
Со предложената регулатива се планира од 1 јануари 2026 година да започне постепеното запирање на увозот на руски енергенси, што ќе кулминира со целосна забрана за увоз на природен гас и течен природен гас (ТНГ) од Русија на 1 јануари 2028 година. Во текот на овој период, ќе продолжи увозот договорен пред 17 јуни 2025 година, и тоа до 17 јуни 2026 година за краткорочните договори и до 1 јануари 2028 година за долгорочните.
Според предложените правила, енергетските компании ќе можат да се повикаат на “виша сила” за да ги прекинат договорите за увоз на руски енергенси, бидејќи “правно обврзувачката забрана за понатамошен увоз, како што е предвидено со оваа нова регулатива, експлицитно е дефинирана како суверен акт надвор од нивна контрола”.
Предлогот исто така вклучува дополнителни механизми за надзор со цел да се спречи влез на руски гас во ЕУ, за кој е предвидено само да поминува низ територијата на Унијата кон друга дестинација.
Регулативата бара и од земјите членки да подготват национални планови за диверзификација на увозот на гас и нафта од Русија.
Следниот чекор е нова рунда преговори помеѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за да се усогласи финалната верзија на текстот на регулативата, откако и двете институции предложија измени во оригиналниот предлог на Европската комисија.











