
Многумина во Европа се соочуваат со предизвици при навигацијата низ регулативите и прописите на ЕУ, кои честопати успоруваат наместо да водат, и претставуваат пречка наместо да овозможат слобода и можности. Затоа, поедноставувањето на административните процеси е од витално значење, се заклучува во заедничко писмо упатено до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од страна на 19 шефови на држави или влади на земјите членки на ЕУ.
“Сега се потребни три чекори: преглед, намалување, ограничување.”
Во писмото до Кошта, испратено во пресрет на претстојниот Самит на ЕУ, лидерите апелираат за систематско преиспитување на сите регулативи на ЕУ со цел да се идентификуваат правилата кои се непотребни, претерани или неурамнотежени. Тие нагласуваат дека е неопходно да се испита целата легислатива на ЕУ за да се утврди дали таа сè уште ја исполнува својата намена.
Лидерите истакнуваат дека сакаат да ги зачуваат слободата, безбедноста и просперитетот на Европската Унија, а за да се постигне тоа, сметаат дека е неопходно да се промени нејзиниот тек, и тоа не само малку, туку темелно.
“Ако не го промениме курсот, Европа ќе ја изгуби конкурентноста во споредба со другите економски региони во светот.”
Тие додаваат дека живееме во свет на турбуленции и нови неизвесности, каде што геополитиката и геоекономијата се сè повеќе испреплетени. “Во овој свет, одржувањето на нашата конкурентност е основа на нашиот суверенитет”, се додава во писмото.
Покрај преиспитувањето на постојните законодавни акти на ЕУ, лидерите бараат и “самоограничување” на новото законодавство, бидејќи Европа “мора да се ограничи на минимум нова регулатива во целосна согласност со принципите на супсидијарност и пропорционалност”.
Во писмото се наведува: “До крајот на годината, Европската комисија треба систематски да ја разгледа регулаторната рамка на ЕУ и да поднесе предлог за тоа како застарените и прекумерните правила можат да се укинат и кои постојни или планирани правила можат целосно да се отстранат.”
Тие натаму нагласуваат дека намалувањето на бирократијата е прашање од најголем приоритет и итност, а истовремено е потребно забрзување на темпото на усвојување на сите законски акти што придонесуваат за поедноставување и конкурентност.
Лидерите повикуваат и на заокружување на Единствениот европски пазар, вклучително и за услугите, енергијата, телекомуникациите, финансиски услугите, заштедите и инвестициите, при што истовремено треба да се поттикне и потенцијалот за негова дигитализација.
“Повикуваме на посебен состанок на Европскиот совет за конкурентност во февруари 2026 година за да се разгледа сработеното и да се дадат политички насоки за сите фронтови на конкурентноста: намалување на бирократијата, комплетирање на Единствениот пазар во сите негови димензии, зајакнување на европските иновации и индустрија, обезбедување економска безбедност и еднакви услови за игра, создавање на Унијата на пазари на капитал”, се додава во писмото.











