
Според податоците од Банката на Грција, приходите од туризмот во Грција за периодот јануари-август 2025 година се зголемени за 12 проценти во споредба со истиот период минатата година, иако бројот на посетители бележи пораст од само 4,1 отсто, известува дописничката на МИА од Атина.
Вкупните приходи во овој период достигнаа 16,7 милијарди евра. Според Банката на Грција, зголемувањето се должи и на порастот на приходите од жителите на земјите од Европската Унија за 9,4 отсто, како и на зголемувањето на приходите од посетители од други земји за 14,9 проценти.
Во првите осум месеци од годината, Грција ја посетиле 25,9 милиони туристи, што е за 4,1 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2024 година.
“Поконкретно, патничкиот сообраќај преку аеродромите забележа пораст од 4,2 отсто, додека преку копнените гранични премини се зголеми за 4,8 проценти,” се наведува во извештајот.
Во анализираниот период, бројот на патници од земјите членки на ЕУ изнесуваше 15,29 милиони, што претставува зголемување од 0,2 отсто во однос на истиот период во 2024 година. Патничкиот сообраќај од други земји порасна за 10,4 проценти, достигнувајќи 10,64 милиони посетители, се додава во извештајот на Банката на Грција.
Во август годинава, приходите од туризам се зголемија за 10,5 проценти, додека бројот на туристи беше за 8,1 отсто повисок.
Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра, а очекувањата се дека оваа година земјата ќе постигне нов историски рекорд.











