Од утре, па се до 29 декември ќе трае проектот Отворени врати за граѓаните на Централниот регистар на Република Македонија. Отворањето на вратите ќе биде во Куманово, а додека пак затворањето на 29-ти во Штип и Кочани. Скопјани својата можност да ги прашаат вработените во Централниот регистар ќе ја имаат на 20 декември.
Директорот на централниот регистар, Вачно Костадиновски, истакна дека проектот ќе се спроведе во 20 градови.
Костадиновски информираше дека од февруари 2014 година регистрацијата на фирмите ќе се врши само по електронски пат и дека очекува до тогаш да се зголеми бројот на регистрациски агенти кој во моментов изнесува 121.
“Годинава се отворени 6.247 компании, од кои по електронски пат се регистриани 240 фирми. Во моментов имаме 121 регистрациски агенти, а од јануари очекуваме и зголемување на оваа бројка. Одржуваме обуки во континуитет, а голема заинтересираност покажуваат и овластените сметководители”, изјави Костадиновски.
Според евиденцијата на Централниот регистар, во Македонија има околу 100.000 регистирани фирми. Оваа година преку нормална процедура се затворени 3.758 компании, а согласно Законот за трговски друштва избришани се 4.200 фирми од евиденцијата. Костадиновски додаде дека на 3.500 фирми им се блокирани сметките, а 6.100 веќе три години немаат покажано никаква активност и за нив се чека Управата за јавни приходи да им го утврди статусот. Од УЈП се чека и утврдување на статусот на 37.748 фирми за да бидат избришани од евиденцијата на Централниот регистар.