
„Тотал Енерџис“, мултинационална компанија со седиште во Франција, стана првата од секторот за фосилни горива што беше осудена за „зелено перење“(greenwashing), односно залажување на потрошувачите со тврдења за нејзината еколошка и социјална одговорност.
Судот во Париз, пишува „Гардијан“, ја прогласи за одговорна во четврток и ѝ наложи да ги отстрани пораките од нејзината веб-страница во кои таа тврдеше дека сака да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да биде еден од клучните учесници во енергетската транзиција.
Случајот, покренат од невладини организации, вклучувајќи ги „Гринпис Франција“ и „Пријатели на Земјата Франција“, е првпат француските закони против „зелено перење“ да се применат врз компанија за фосилни горива.
Судовите во Холандија и Германија претходно утврдија дека авиокомпаниите ги заведувале потрошувачите со нејасни еколошки тврдења. Сепак, „Ле Монд“ нагласува дека организацијата „КлајентЕрт“, која внимателно ја следи судската пракса против индустријата, објавила дека оваа пресуда е прва од ваков вид во светот против нафтена компанија.
Францускиот суд ѝ даде на „ТоталЕнерџис“ еден месец да ги отстрани заведувачките тврдења од својата веб-страница или ќе се соочи со казна од 10.000 евра дневно.
На компанијата ѝ беше наредено и да ја објави судската пресуда на својата веб-страница, со иста дневна казна за непочитување, и да плати 8.000 евра на секоја од трите невладини организации и 15.000 евра за нивните судски трошоци.











