
Сингапурскиот премиер Лоренс Вонг повика на итна акција за промовирање на либерализацијата на трговијата и заштита на заедничките глобални интереси, предупредувајќи дека светот е пред „хаотична“ транзиција кон постамерикански поредок, пишува „Фајненшл тајмс“.
Во интервју во својот кабинет, Вонг рече дека светот е во средината на голема транзиција што може да трае една деценија.
„Нема сомнение дека ќе биде хаотично и непредвидливо бидејќи Америка се повлекува од својата улога како глобален гарант на стабилноста, но нема друга земја што е способна или спремна да го пополни тој вакуум“, рече тој.
„Времето за акција е сега“
Сингапур, како голем корисник на повоената ера на глобализација и мултилатерализам, не може да си дозволи „да чека работите да се случат или да се надева дека сè магично ќе си дојде на свое место само по себе“, додаде премиерот. Тој нагласи дека мора да се преземат мерки сега – „во градење нови трговски врски и одржување на моментумот на либерализација на трговијата“.
„Не можеме да го сториме тоа сами, но ќе го сториме со други земји со слични размислувања“, рече Вонг.
Неговите коментари доаѓаат пред два важни собири на регионалните лидери следната недела – самитот на АСЕАН (Асоцијација на земјите од Југоисточна Азија) во Малезија и форумот на АПЕК (Азиско-пацифичка економска соработка) во Јужна Кореја, на кои се очекува да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Влијанието на царините на Трамп
Како важен трговски центар, Сингапур е една од земјите најизложени на нарушувања во глобалната трговија предизвикани од царините на Трамп оваа година.
Иако Сингапур доби релативно ниска царинска стапка од 10%, повеќето од неговите соседи се погодени со 19%, што се заканува да ги наруши сложените регионални синџири на снабдување.











