
Туркменистан, еден од водечките светски производители на гас, повтори дека има капацитет да испорачува гас во Европа, но исто така ги истакна логистичките тешкотии, бидејќи нема гасовод потребен за поврзување на Централна Азија со Европа преку Каспиското Море.
„Секогаш сме заинтересирани за диверзификација на извозните правци, поточно транскаспискиот пат до Европа“, изјави Максат Бабаев, претседател на државната компанија „Туркменгаз“ и министер за гас, за АФП на маргините на енергетскиот форум организиран во главниот град Ашхабат, пренесува Бета.
Според проценките, Туркменистан има помеѓу една четвртина и една петтина од светските резерви на природен гас, кои ги извезува речиси исклучиво во Кина.
Но, таа земја, една од најзатворените во светот, бара нови извозни правци, додека европските земји, неодамна Унгарија, покажуваат интерес.
„Подготвени сме, можеме да продаваме гас на границата. Гасоводот Исток-Запад (кој минува низ Туркменистан) со годишен капацитет од 30 милијарди кубни метри може да се користи за испорака на гас до Европа“, рече Бабаев.
Но, ова е сè уште недоволно, бидејќи гасот на Туркменистан сè уште треба да го премине Каспиското Море преку гасовод кој сè уште не е изграден за да стигне до Кавказ, од каде што би се испраќал во Европа преку Турција.
Проектот за Транскаспискиот гасовод, кој бара значителни средства, повторно стана интересен за Европејците кои се обидуваат да ја намалат зависноста од руските енергетски извори поради војната во Украина, а поради санкциите не можат да го транспортираат туркменистанскиот гас преку Русија или Иран.














