Фото: Pixabay
Победничка компанија – Од било каде, до врвот
Во секој учебник за менаџмент може да прочитате дека менаџерите треба да насочуваат, мотивираат, организираат, планираат… Ова сигурно дека е вистина, тие ги прават сите овие работи. Милиони страници се испишани за тоа како успешно да се спроведуваат овие активности. Она што не престанува да ме чуди сиве овие години во мојата работа со клиенти е тоа што во списокот на горенаведените менаџерски активности недостасува една работа: игри на моќта, power games.
Работејќи со првите луѓе во компании, имам привилегија да ги посматрам одблиску и да го анализирам нивното однесување. Пред да почнам сесија со целиот раководен тим, обично имам работен доручек со првиот човек. Ова е прилика во која тој се отвора, е непосреден и спонтан. Нешто што не може да се случи на формалните сесии со целиот тим. Ниту пак може да се случи за време на вечерата по завршување на сесијата – тогаш првиот човек влегува во други чевли и се однесува сосема поинаку. Утрото е различно од вечерта. Утрото го покажува она што првите луѓе ги држи будни во текот на ноќта – нивните стравови и дилеми. Вечерта ја покажува нивната дневна рутина – нивните надежи и планови. Само едно прашање е целодневно: кој со кого во фирмата се швалерише и какви последици тоа има или може да има во комплетната распределба на моќ низ компанијата. Во овој филм сум доволно верзиран, и како гледач/слушач и како актер. Ова не е шега, туку многу сериозна тема – немам досега сретнато прв човек кој не се занимава со ова прашање.
Назад кон утрото – значи, најчестата утринска тема е кој во компанијата има моќ врз што, зошто тоа е така и која е опасноста што произлегува од таквата моќ. Или, кој треба да има моќ врз некоја област од работењето на компанијата, врз кои вработени треба да има моќ и што тоа би значело во вкупната слика. Постојат многу дефиниции за моќта, ама немам овде намера да изигрувам Bertrand Russel (Power: A New Social Analysis). За мене, моќта има две лица: мисловно и телесно, вијуги и мускули. Различни луѓе користат различно лице за остварување на моќ над други луѓе. Некои мислат, некои делуваат. Има и комбинации од двете, ама секогаш едното надвладува. Значи, дилемите на првите луѓе во компаниите се сведуваат на тоа:
а. Кој во првиот менаџерски тим треба да биде „вијугите“ и да ги размислува работите, а
б. Кој во првиот менаџерски тим треба да биде „мускулите“ и да ги спроведува работите.
Што поголема компанија, толку повеќе време и енергија првите луѓе трошат на оваа дилема. Кога компанијата е мала, целиот фокус е кон клиентите. Како што компанијата расте, така и првиот човек еволуира и фокусот се префрла врз игрите на моќ.
Каде може да ги најдеме вијугите низ компанијата? Обично кај Шефот на стратегиско планирање, Шефот на маркетинг и кај Шефот на истражување и развој. Од друга страна, мускулите се кај Шефот на операции (или, технички директор), Шефот на продажба, Шефот на финансии и книговодство, Шефот на човечки ресурси и Шефот на информациски систем. Со мали варијации, ова е „мапата на моќ“ во една типична компанија. Од првата група, вијугите, обично се регрутираат следните први луѓе (извршен директор). Само исклучителни околности, како на пример тешка криза, може да исфрлат некого од втората група на врвната позиција во компанијата.
Улогата на првиот човек, очигледно, е да одржува рамнотежа меѓу вијугите и мускулите. Тоа воопшто не е лесно. Што ако првиот човек излезе од баланс и почне да фаворизира еден аспект за сметка на другиот? Јас гледам две можни сценарија: компанијата може или да а) биде паметна ама парализирана, или б) биде атлетски силна ама глупа. Ниедно сценарио, се разбира, не е сјајно. А сум ги видел и двете кај мои клиенти. Ниедна книга нема да ви помогне во надминување на овие сценарија.
Што јас, како консултант на извршните директори, правам во вакви ситуации? Предлагам три работи:
- Приближно еднакви стартни плати за двете групи менаџери. Важноста на двете групи е еднаква, значи потребно е сите да стартуваат од иста точка. Натаму зависи од нив. Затоа тука се индивидуалните бонуси за да се направи разлика меѓу добрите и лошите.
- Извршнот директор треба да посветува приближно еднакво време на менаџерите од двете групи. Веројатно ќе бидете изненадени колкави разлики постојат по ова прашање – во зависност од интересот на првиот човек, времето посветено на вијугите значително варира од времето посветено на мускулите. Пробајте да го посматрате овој феномен во вашата фирма.
- Приближно еднаква оддалеченост на канцеларијата на Извршниот директор од канцелариите на припадниците од двете групи. Ова е статусно прашање – „поважните“ добиваат канцеларии поблиску до Извршниот директор. Во рамките на можностите, овие канцеларии треба да бидат „ненавредливо“ лоцирани околу Извршниот директор.
- Во стратегиските одлуки (претежно вклучени вијугите) обврзно вклучувајте и припадници од другата група, со исти права на глас. Во оперативните одлуки (претежно вклучени мускулите) обврзно вклучувајте и вијуги, повторно со исто право на глас. Одлуките донесени на ваков начин ќе бидат и паметни и изведливи.
Колку и да звучат советите логично, сепак клучот е кај извршните директори – некогаш ги прифаќаат овие совети, некогаш не. Знам дека никотинот е штетен, ама сепак пушам.