
Советот на ЕУ денес ја одобри ажурираната Директива за европски работнички совети, со цел да се засили моќта на вработените во мултинационалните корпорации.
Регулативата ги дефинира стандардите за основање на работнички совети и обезбедување на ресурси за нивното дејствување и ја гарантира заштитата на нивните членови.
Со измените на Директивата се наметнува обврска на компаниите да ги известуваат и консултираат работничките совети за прашања поврзани со “одлуките што значително влијаат на работниците во повеќе од една земја членка”.
Компанијата може да ги чува информациите за ваквите одлуки како тајни или да ги третира како доверливи, само ако се исполнети специфични објективни критериуми и ако постојат оправдани причини за овие ограничувања.
Директивата исто така предвидува покривање на трошоците на работничките совети за правна поддршка во судски и административни процеси.
Европскиот парламент ја усвои оваа Директива на 9 октомври 2025 година, и со денешното нејзино одобрување и од Советот на ЕУ, таа ќе стапи на сила по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.
По влегувањето во сила на Директивата, државите членки имаат обврска да ги вметнат нејзините одредби во националното законодавство во период од две години, а со нивна примена треба да почнат најдоцна за три години.
Европските работнички совети се тела за информирање и советување во мултинационални претпријатија во кои членуваат и претставници на вработените.
Секоја компанија со повеќе од 1,000 вработени, која работи во најмалку две држави од ЕУ или од Европската економска зона (ЕЕА) е должна да формира работнички совети.











