
Шест земји од ЕУ имале минимална плата помеѓу 1.000 и 1.500 евра месечно, според податоците на Евростат, додека во некои земји-членки платите се зголемиле многукратно.
На 1 јануари 2025 година, 22 од 27-те земји на Европската Унија имаа законски утврдена минимална плата. Сепак, нивото на минималната плата во некои земји сè уште покажува големи разлики меѓу нив, но нееднаквостите се значително намалени кога ќе се земат предвид разликите во трошоците за живот.
Во десет земји на ЕУ минималните плати беа под 1.000 евра месечно: Бугарија (551), Унгарија (707), Латвија (740), Романија (814), Словачка (816), Чешка (826), Естонија (886), Малта (961), Грција (968) и Хрватска (970).
Шест земји имаа минимални плати помеѓу 1.000 и 1.500 евра месечно: Кипар (1.000), Португалија (1.015), Литванија (1.038), Полска (1.091), Словенија (1.278) и Шпанија (1.381).
Во преостанатите шест земји, минималните плати надминуваа 1.500 евра месечно: Франција (1.802), Белгија (2.070), Германија (2.161), Холандија (2.193), Ирска (2.282) и Луксембург (2.638).
Во 2022 година, минималните плати во Франција, Португалија и Словенија изнесуваа повеќе од 60 проценти од просечните бруто месечни плати (66 проценти). Спротивно на тоа, во Белгија (49 проценти), Малта (46 проценти) и Естонија и Латвија (по 43 проценти), минималните плати беа значително пониски од просечните плати.
Податоците за минималните и просечните плати се прикажани во бруто износи, пред одбитоци од даноци и придонеси. Кога минималната плата се одредува по час, како што е случајот во Германија, Франција, Ирска и Холандија, таа се претвора во месечен износ.
Исто така, во земјите каде што минималната плата се исплаќа повеќе од 12 месеци во годината, како што се Грција, Шпанија и Португалија, податоците се соодветно прилагодени. Средните плати го вклучуваат бруто месечниот приход на вработените со полно работно време и со скратено работно време (конвертирани во еквивалент на полно работно време), исклучувајќи ги прекувремените часови и дополнителните плаќања.
Во 2022 година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ ја усвоија Директивата (ЕУ) 2022/2041 за соодветни минимални плати. Целта е да се подобрат условите за живот и работа, а воедно да се постават критериуми за фер минимални плати во однос на распределбата на платите во секоја земја.











