
Европските бизниси очекуваат ефектите од американските тарифи и трговските тензии да бидат значително полоши во 2026 година отколку во 2025 година, кога ефектите беа ублажени од претходните нарачки, покажа анкета на „БизнисЕвропa“ во понеделник.
Според истражувањето, трговските тензии би можеле да го намалат бруто домашниот производ на Еврозоната, Европската Унија и пошироката група европски земји за околу 0,03 проценти во 2025 година. Сепак, веќе во 2026 година се очекува пад помеѓу 0,5 и 0,6 проценти, при што Еврозоната е најпогодена, објавува Ројтерс.
Анкетата е спроведена меѓу 36 национални бизнис федерации низ ЕУ, но и во земји кои не се членки како што се Велика Британија, Швајцарија, Турција и Украина.
БизнисЕвропa вели дека наодите се во согласност со проценката на Европската централна банка (ЕЦБ), според која ефектот од царините и неизвесноста врз растот на еврозоната би можел да биде околу 0,7 проценти во периодот од 2025 до 2027 година. Ова е сепак малку помалку од претходните очекувања, бидејќи, според ЕЦБ, политичката неизвесност нагло опадна по трговскиот договор меѓу ЕУ и САД постигнат на крајот на јули.
Сепак, европските компании продолжуваат да изразуваат загриженост за недостатокот на предвидливост. БизнисЕвропa предупредува дека одложените економски ефекти и неизвесноста во врска со идните американски тарифи претставуваат среднорочен предизвик за растот на европската економија.











