Мизо: „Костал“ останува и инвестира уште 30 милиони евра во проширување во Македонија

Додека некои странски компании ја напуштаат Македонија, управителот на „Костал“, Виктор Мизо, потенцира дека државата останува атрактивна за инвестиции. Компанијата планира проширување со нови инвестиции од над 30 милиони евра и очекува извоз над 300 милиони евра до 2027 година, со отворање нови работни места и проширување на портфолиото на производи и клиенти.

Заради тоа што една или две компании планираат да ја напуштат државата не значи дека другите компании нема да се развиваат и понатаму или нема да дојдат нови компании кои преку Македонија ќе дојдат за европскиот пазар – истакна Виктор Мизо, управител на компанијата „Костал“ во одговор на новинарско прашање за коментар за заминување на две странски компании од државата.

Според Мизо, тоа се интерни одлуки на тие компании и затоа не може коментира кои се причините за нивното заминување.

“Од тоа што го имам прочитано тие прават некоја консолидација на своето портфолио на европскиот пазар и како што кажав европската индустрија е во стагнација, но ќе имаме победници, но и компании кои некогаш нема да успеат да се снајдат најдобро во она што се случува во автомобилската индустрија, Но, фактот што ние продолжуваме со инвестирање и одиме понатака значи дека ова е добра, успешна и правилна одлука што сме ја донеле како компанија за да се развиваме во Македонија“, рече Мизо.

Додаде дека „Костал“ со дополнителни инвестиции од над 30 милиони евра идната година планира да го шири портфолиото како на клиенти, така и на производи.

“Сметаме дека она што беше план во изминатите години, некаде до 2027 година ќе успееме и да имаме извоз и обрт поголем од 300 милиони евра и со тоа ќе бидеме позиционирани како една од трите најголеми фабрики-извозници во македонската индустрија, но истовремено тоа значи квалитетни, нови работни места во овие 200 плус вработени. Тука ќе има нормално работници кои ќе работат во производство, но технички лица кои ќе работат како инженери, но и луѓе во административни дејности-сето она што е поврзано со финансии, сом логистика, со квалитет. Така од таа страна навистина очекуваме овој развој да биде позитивна вест не само за регионот, Охридско-Струшкиот регион, туку и за целата државата, но истовремено ова да значи еден мотив како и други компании би можеле да се фокусираат и да ја користат Македонија во целиот свој процес на експанзија“, истакна управителот на компанијата „Костал“, Виктор Мизо.