
Бугарија има резерви на гориво за еден месец, во очекување на почетокот на американските санкции за руската нафтена компанија Лукоил, која ги поседува најголемата рафинерија во земјата и поголемиот дел од инфраструктурата за складирање и цевководи.
САД и Велика Британија минатиот месец воведоа санкции за Лукоил и Роснефт поради одбивањето на Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, што ќе ги загрози и нивните операции низ Европа. Американските санкции, што ќе стапат во сила на 21 ноември, предизвикаа загриженост за снабдувањето со гориво во Бугарија, каде што Лукоил управува со рафинеријата во Бургас и со стотици бензински пумпи.
„Бугарија има резерви на гориво за околу 35 дена и резерви на дизел за над 50 дена“, изјави Асен Асенов, претседателот на бугарската Агенција за државни резерви.
Енергетските аналитичари велат дека земјата има повеќе залихи на сурова нафта и нафтени производи надвор од Бугарија, но мора да ги увезе пред цевководната мрежа на Лукоил да падне под санкции.
„50% од готовите горива и дел од суровата нафта се во други земји од ЕУ, што значи дека владата треба што е можно поскоро да ги активира овие договори“, рече Мартин Владимиров, директор на Програмата за енергија и клима во Центарот за проучување на демократијата во Софија.











