
Во новата буџетска 2026- та година ќе се потрошат околу 1.900.000 евра за редовна исплата на пензии, а повеќе од половина од оваа сума треба да се обезбеди од Централниот Буџет.
Во новиот документ “Предлог-буџет“ на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување што бил доставен до Министерството за финансии се нотира дека сумата за исплата на пензии во 2026- та ќе се зголеми по два основи – пораст на бројот на пензионери и пораст на просечната пензија, но не како резултат на линеарно зголемување.
“Расходите за исплата на редовните пензии во 2026 година се предвидуваат во износ од 117.162,88 милион денари (од работничко право) и тоа за постојниот број на корисници на пензија и за новиот број кои своето право ќе го остварат во 2026 година и тоа со законското усогласување на пензиите кое важи за корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 28 февруари 2026 година и проектиран процент од 2,7% за усогласување на септемвриските пензии“ – наведуваат од ПИОМ.
Според проекциите на државниот пензиски фонд оваа година ќе заврши со 348. 195 пензионери, а следната со 351. 676 корисници на пензија.
“На крајот на 2026 година се предвидува бројот на корисниците на пензија да изнесува 351.676 корисници. Ова е зголемување од 3.481 корисници односно пораст од 1,0%. Од овој број се планира 2.818 корисници да остварат право на старосна пензија, додека кај другите корисници се предвидува намалување“ – се наведува во документот.
Следната година пензионерите ги очекува ново зголемување на пензиите – но како резултат на законското усогласување со проечната плата и со инфлацијата. Пресметката на ПИОМ покажува дека просечната пензија во 2026- та ќе изнесува 447 евра.
“Вкупната просечна пензија во декември 2026 година се планира да достигне износ од 27.522,00 денари, или за 3,85% повеќе во споредба со декември 2025 година која се планира да биде околу (26.500,00 денари). Ова е резултат на планираното редовно усогласување согласно Законот за ПИО, повисоките пензии кои ги остваруваат новите корисници во однос на пониските пензии кои ги имаат починатите корисници во пресметковниот период “ – наведуваат од ПИОМ.
Иако со години се најавуваше консолидација на државниот ПИОМ со цел да се обезбеди одржливост на фондот, податоците покажуваат дека повторно се враќа трендот на зголемување на зависноста на ПИОМ од Централниот Буџет. Следната година приливите односно трансферите од Буџетот ќе достигнат 40,27% од вкупните приходи на ПИОМ.
Инаку годинава пензиите се зголемија линерно во два наврати по 1. 000 денари и овој начин на пораст на пензиите предизвика бројни реакции во јавноста и се оценуваше дека потегот е изборно обоен со оглед на тоа дека септемвриска пензија беше зголемена за 1.000 денари- непосредно пред локалните избори.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лани го замени моделот на законско услогласување на пензиите со линееарен пораст од по 2.500 денари во два наврати. Потребата од враќање на моделот на пораст на пензиите согласно законското усогласување беше нотирана и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Д.А.











