Голем шок на европскиот пазар: Германски гиганти одат во кинески раце

Европскиот пазар на електроника е потресен од една од најголемите аквизиции во последните години – кинескиот гигант JD.com го презема мнозинскиот удел во германската компанија Ceconomy, сопственик на синџирите MediaMarkt и Saturn.

Веста предизвика силни реакции низ цела Европа, бидејќи станува збор за најголемиот европски трговец на мало со потрошувачка електроника кој доаѓа под кинеска контрола.

Загриженост низ Германија и ЕУ
Иако германскиот регулатор за конкуренција  веќе даде зелено светло, расте загриженоста во политичките и економските кругови.

Преземањето доаѓа во време кога ЕУ веќе спроведува неколку истраги против кинески фирми за можни државни субвенции, а Европската комисија сега детално го истражува овој бизнис. Во Брисел отворено се зборува за стравот од ненадејното зајакнување на кинеските е-трговија и технолошки гиганти во самото срце на пазарот на ЕУ.

Поточно, се доведува во прашање потенцијалниот пристап на кинеската компанија до огромна база на податоци за потрошувачите, логистичка инфраструктура и стратешки малопродажни локации низ Европа.

Во Германија, од друга страна, се поставува прашањето за долгорочните последици – од зачувувањето на работните места до евентуалното пренесување на контролата врз клучниот малопродажен сегмент во рацете на Пекинг.

Во исто време, некои економски аналитичари веруваат дека JD.com би можел да донесе и значајни предности: модернизација на синџирите на снабдување, дигитализација на малопродажбата и пристап до најнапредните логистички технологии.

Како се случи преземањето
JD.com обезбеди мнозински удел преку инвестиција од околу 2,2 милијарди евра. Германската подружница на кинеската компанија сега контролира 45,5% од капиталот на Ceconomy, а дополнителни 25,4% ги држи инвестициската фирма Convergente, која договорно се согласи да гласа во согласност со JD.com.

Вкупниот удел контролиран од кинескиот гигант со тоа се зголемува на 70,9%, што значи дека тој ефикасно ја доби контролата врз најголемиот малопродажен синџир за електроника во Европа.

Понудата беше објавена во јули, по цена од 4,6 евра по акција, а вредноста на Ceconomy беше проценета на околу 2,2 милијарди евра.

Што е следно?
Иако клучната регулаторна пречка во Германија е надмината, договорот сè уште не е целосно склучен. Се чека:конечна одлука на Министерството за економија на Германија, одобренија од други земји од ЕУ, завршување на истрагата на Европската комисија за можни кинески субвенции.
Доколку сè помине без блокади, аквизицијата би можела да се финализира до средината на 2026 година.

JD.com оствари приход од 159 милијарди долари минатата година. Компанијата е една од најголемите кинески платформи за е-трговија, со седиште во Пекинг. Ceconomy, сопственик на MediaMarkt и Saturn, оствари приход од 23,1 милијарди евра во последната фискална година.

Европа на раскрсница
Доколку аквизицијата биде финализирана, еден од најпрепознатливите европски брендови во малопродажбата на електроника ќе биде под кинеска контрола – што многумина го гледаат како симболичен знак за длабоки промени на глобалниот пазар.

Европа сега се соочува со предизвик: дали ќе ја засили заштитата на своите малопродажни и технолошки сектори или ќе го отвори патот за понатамошна кинеска експанзија?