
Најновите анализи покажуваат огромни разлики меѓу платите во различни делови на Европа – од Швајцарија, која и оваа година ја задржува убедливата водечка позиција со просечна месечна заработка од над 7.000 евра, па сè до земјите од Западен Балкан, каде примањата се повеќекратно пониски.
Според најновите податоци од Републичкиот завод за статистика, во Македонија просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2025 година, изнесува 45.310 денари или 736 евра.
Швајцарците добиваат највисока просечна месечна заработка оваа година. Според истражувањето на списанието CEOWORLD, заработката во Швајцарија во текот на изминатите девет месеци изнесувала 7.061 евра.
Веднаш зад Швајцарија е Луксембург. Вработените во таа земја заработуваат 5.791 евра по одбивањето на даноците и придонесите. На третото место во Европа е Исланд со просечна плата од 5.626 евра. Следи Норвешка со 4.959 евра, додека Данците имаат само неколку евра пониска просечна заработка.
Според истото истражување, Данците добиваат 4.940 евра месечно. Студијата дополнително наведува дека највисоките заработки во 2025 година се забележани во секторите за финансии, осигурување, електрична енергија и информатичка технологија.
Од друга страна, најниските просечни плати во Европа се забележани во секторите за администрација, градежништво и угостителство. И додека земјите на север од Европа – особено скандинавските – сè уште водат во однос на платите, во најсилните европски економии како што се Германија и Франција, платите се многу поскромни. За споредба, по Данска следуваат Холандија (4.028 евра), Лихтенштајн (3.804) и Финска (3.606).
Германија има просечна месечна плата од 3.515 евра, додека во Франција е 3.232 евра. Помеѓу овие две големи европски економии, постои уште една земја од северот на Европа – Шведска, каде што, според истото истражување, просечната плата во 2025 година изнесувала 3.509 евра.
Истражувањето покажува и дека вработените во најсилните економии на Централна Европа имаат плати слични, а понекогаш и повисоки од оние на југот на континентот. Во Шпанија, просечната плата е 2.283 евра, во Португалија 1.622, во Естонија 1.614, додека во Чешка е само за две евра пониска.
Во Грција, која неодамна усвои закон за продолжување на работното време во недела, просечната плата е 1.309 евра. На дното на листата на европски просечни плати се најновите членки на Европската Унија, но и земјите од регионот.
Така, просечната плата во Унгарија е 1.113 евра, а во Бугарија 905 евра, пренесува Банкар.ме.
Заработка во поранешните републики на СФРЈ
Според истражувањето објавено од Форбс Србија пред околу два месеци, меѓу поранешните југословенски републики, Словенија е на врвот по нето заработка, каде што просечната плата е 1.610 евра. Следува Хрватска со 1.444 евра, додека во Црна Гора просечната плата е 1.014 евра. Во Србија просечната плата била околу 900 евра.
Босна и Херцеговина и Македонија имаат пониски плати од Србија. Во Босна и Херцеговина просечната плата е точно 800 евра, додека најниската меѓу сите земји во регионот е во Македонија – 736 евра.











