Растот на минималната плата носи повеќе нови фирми, а не затворања

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) излезе со најнови податоци од истражување кое, како што велат, уште еднаш ги демантира тврдењата дека зголемувањето на минималната плата ја загрозува економијата и доведува до затворање на компаниите. Напротив, бројките од Централниот регистар покажуваат дека со секој раст на минималната плата се зголемува и бројот на новоотворени фирми, додека бројот на затворени компании се намалува.

Според податоците:

  • Во 2022 година, кога минималната плата преку протести и штрајкови се зголеми од 15.194 на 18.000 денари, биле регистрирани 7.062 нови фирми, а 5.694 се избришани.

  • Во 2023 година, со раст на минималната плата на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми повторно изнесувал 7.062, но затворените компании се намалиле на 3.372.

  • Во 2024 година, со ново зголемување на минималната плата на 22.567 денари, биле отворени 6.627 нови фирми, додека само 2.891 компанија престанала со работа.

Од ССМ оценуваат дека овие податоци јасно ја разобличуваат тезата дека повисоките плати ја загрозуваат економијата. Напротив, велат од таму, растот на платите создава услови за економски развој, отворање нови работни места и стабилизирање на пазарот на трудот.

„Тврдењата дека фирмите ќе се затворат ако се зголемат платите се целосно неточни. Бројките недвосмислено покажуваат дека растот на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата“, порачуваат од Сојузот.

Од таму додаваат дека ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати примања. Сметаат дека работниците не смеат да живеат со минимални приходи и да останат со најниски плати во регионот, а Владата има обврска да поддржи праведна распределба на профитот и достоинствени услови за труд.

ССМ повторно апелира процесот на зголемување на платите да не се сопре, бидејќи, како што наведуваат, токму растот на трудовите примања го движи економскиот развој и создава посилна и поодржлива економија.