
Претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, изјави дека до 2027 година, природниот гас во Средоземното Море во близина на Кипар, каде што резервите се проценуваат на 566 милијарди кубни метри, би можел да стигне до пазарот во Европа.
Христодулидис рече дека првите количини природен гас што би можеле да се извезат би дошле од таканареченото поле Кронос, кое го управува конзорциум на италијанската компанија Ени и француската фирма ТоталЕнерџис, објави Бета.
Претседателот на Кипар на Симпозиумот за енергетика во Никозија изјави дека следната година конзорциумот ќе донесе конечна одлука за продолжување на проектот.
Тој изјави дека гасот од Кронос потенцијално би можел да стигне до фабрика за преработка во египетскиот пристанишен град Дамиета во 2027 година, за да се претвори во течна форма и да се транспортира до европските пазари со брод.
„Кипар е дел од енергетските решенија за енергетска безбедност во Источниот Медитеран и важна цел е да ги усогласи сопствените интереси со интересите на моќните држави и да дејствува како алтернативен енергетски коридор за Европа“, рече Христодулидис.
Зборувајќи на конференцијата, кипарскиот министер за енергетика, Јоргос Пананастасиу, рече дека природниот гас од Кронос би можел најбрзо да стигне до пазарот, бидејќи може да се поврзе со постојната инфраструктура што транспортира гас од големото египетско поле Зор, оддалечено околу 80 километри.
Тој рече дека целниот датум до крајот на 2027 година за гасот од Кронос да стигне до пазарот е „оптимистички, но изводлив“.











