
Европската комисија подготви список на чувствителни стоки за кои ќе побара ослободување од царински давачки од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Списокот во документот од 27 страници што го виде Политико, меѓу другото, вклучува тестенини, сирења, вина, жестоки пијалоци, маслинки, очила за сонце и медицинска опрема.
Вклучени се и дијаманти, алати, метални цевки, делови за морски мотори, индустриска опрема, ткаенини, обувки, капи, керамика и индустриски роботи.
Списокот беше комплетиран минатиот петок со цел да се презентира на почетокот на оваа недела на состанокот што претставниците на Европската комисија го имаа со американскиот секретар за трговија Хауард Лутник и трговскиот преговарач Џејмисон Грир.
Да потсетиме дека Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен постигнаа договор на крајот на јули на состанокот во Шкотска за царини за европски стоки од 15 проценти со некои исклучоци како што се авиони или генерички лекови. Во исто време, Европската унија се обврза целосно да ги укине царинските давачки за американските индустриски стоки.
Барањето на Европа за одредени исклучоци доаѓа откако Трамп се повлекува од линеарните царини што им ги наметна на американските трговски партнери претходно оваа година откако републиканските кандидати загубија неколку локални избори очигледно под влијание на растечките трошоци за живот.
Пред неколку дена, Трамп ги укина царините за повеќето бразилски земјоделски производи, вклучувајќи го говедското месо и кафето, и се откажа од дополнителните казнени царини што ги воведе минатото лето за време на расправијата со бразилската влада и претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.
Исто така, пред една недела, тој се откажа од реципрочните царини за повеќе од 200 стоки од различни делови на светот, како што се некои зачини, тропско овошје или ѓубриво.
Притисокот на Европа за укинување на царините за тестенини е особено чувствителен за Италија откако Трамп се закани со дополнителна царина од 92 проценти за италијанските тестенини, бидејќи некои италијански производители продаваат производи под пазарната вредност, според истрагата на САД.
Доколку оваа намера се спроведе, извозот на италијански тестенини во САД веројатно целосно ќе престане бидејќи едноставно повеќе нема да биде економичен.











