Лондон би можел да наплаќа туристичка такса

Британскиот парламент моментално разгледува закон за овластувањата на локалните самоуправи, врз основа на кој градоначалникот на Лондон, Садик Кан, би можел да воведе туристички данок во британскиот главен град, објави денес Би-Би-Си.

Градоначалникот постојано повикува на такви овластувања, а се проценува дека таксите би го донеле Лондон до 240 милиони фунти годишно.

Во 2024 година, во британскиот главен град биле реализирани 89 милиони ноќевања од туристи, потсети Би-Би-Си.

Англија во моментов е единствената земја во групата Г7 каде што националната влада им забранува на локалните власти, односно градоначалниците, да наметнуваат туристички такси.

Шкотска и Велс неодамна воведоа различни видови такси за странските посетители, при што велшките власти им наплаќаат на туристите 1,30 фунти по ноќ од следната година, потсетува британскиот јавен сервис.

Градот Лондон неодамна го ангажираше тинк-тенкот Центар за градови да развие план за спроведување на даноци во главниот град.

Авторите на планот изјавија дека туристичкиот данок, доколку ефикасно се примени, ќе го зајакне економскиот раст и ќе ја подобри инфраструктурата и деловната средина во Лондон, како и дека нема да доведе до намалување на бројот на гости.

„Данокот би донел придобивки за економијата на главниот град, под услов приходите од него да одат во локалната самоуправа“, рече директорот на Центарот за градови, Ендру Картер.

Кејт Николс, службеник во органот за надзор на туристичката индустрија „UK Hospitality“, сепак изјави дека идејата за воведување на данокот е шокантна и дека тоа ќе има големи последици за британските семејства кои напорно работат, а потоа доаѓаат во Лондон на краток одмор, како и ќе ги одврати посетителите од главниот град.

„Нашите потрошувачи веќе плаќаат највисоки такси и даноци, а ако наплаќаме за посета на Лондон, тогаш ќе ја лишиме економијата на главниот град од работни места, раст и инвестиции“, истакна таа.