Компанијата Стелантис во Крагуевац го зголемува производството на автомобили Citroen C3

Производителот на автомобили „Стелантис“ објави дека почнувајќи од следната година, ќе го зголеми производството на „Citroen C3“ во фабриката во Крагуевац за 40.000 возила годишно поради големата побарувачка за овој модел.

Со ова проширување на капацитетот, вкупното годишно производство на „C3“ и неговата SUV верзија, „C3 Aircross“, ќе достигне 300.000 возила.

Досега, C3 се произведуваше во големи серии исклучиво во фабриката на компанијата Stellantis во Трнава, Словачка. Сепак, тој погон, со склопувањето на моделот Opel Frontera, го достигна својот максимален капацитет, што ги ограничи испораките на C3, пишува eKapija.

„Добиваме повеќе нарачки отколку што можеме да произведеме“, рече извршниот директор на компанијата, Ксавиер Шардон.

Тој изјави дека е потребен дополнителен производствен капацитет за да се задоволи побарувачката.

Фабриката во Крагуевац повторно добива позначајна улога во глобалната производствена мрежа на Stellantis, овој пат во сегментот на најпродавани градски автомобили.