Стареењето на населението ќе доведе до понизок животен стандард

Демографските притисоци ќе го намалат животниот стандард во големи делови од Европа и пошироко, бидејќи стареењето на населението врши дополнителен притисок врз владите да спроведат строги политики како што е зголемувањето на возраста за пензионирање, предупредува новиот извештај на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Помеѓу 2024 и 2050 година во Источна Европа и Кавказ, се предвидува дека намалувањето на плодноста и бројот на работоспособно население ќе го намалат годишниот раст на бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител за 0,4 процентни поени.

Анализата на ЕБОР првенствено беше фокусирана на брзорастечките европски земји во кои банката инвестира, како што се Полска, Бугарија и Словенија, но се протега и на некои развиени економии каде што ефектите од стареењето на населението ќе бидат поизразени, објави „Фајненшл тајмс“.

Се очекува намалувањето на уделот на работоспособното население до средината на векот да резултира со пад на БДП по глава на жител за 1,1 процентни поени во Јужна Кореја, за повеќе од 0,7 поени во Италија и Шпанија, за 0,5 до 0,6 поени во Кина и Јапонија и за 0,4 поени во Германија.

„Растечките економии во Европа стареат. Ниските стапки на наталитет и намалувањето на работната сила сè повеќе ќе влијаат врз нејзините перспективи за раст“, ​​рече главната економистка на ЕБОР, Бета Јаворчик.

Таа предупреди дека зголемувањето на возраста за пензионирање и искористувањето на миграцијата, иновациите и технологијата делумно би можеле да го ублажат трендот, но дека растечкото политичко влијание на постарите гласачи би можело да ги попречи реформите.

Доверителот потсетува дека Франција неодамна го запре зголемувањето на возраста за пензионирање од 62 на 64 години, соочена со силно противење. Други влади се соочуваат со сличен отпор кон политиките насочени кон решавање на проблемот со демографската криза.

Студијата на ЕБОР се совпаѓа со претходната студија на Организацијата за економска соработка и развој, која проценува дека демографскиот притисок ќе го намали БДП по глава на жител во 38-те членки на организацијата од еден процент годишно во 2010-тите на 0,6 проценти годишно во просек во периодот 2024-2060 година.

ЕБОР наведува дека 42 проценти од оние над 65 години, претежно во регионите каде што инвестира банката, сакаат владите да дадат приоритет на јавните трошоци за здравство и 25 проценти за пензиите, додека само 18 проценти го споменуваат образованието. Постарите гласачи се исто така антиимигрантски, како во регионот на ЕБОР, така и во развиените европски економии.

„Време е да се дејствува пред демографијата да ги затвори сите можности… Како што гласачите стареат, како што лидерите стареат, тие се повеќе заинтересирани за работи што се од интерес за постарите лица, особено пензиите, и затоа е потешко да се спроведат какви било пензиски реформи“, рече економистот на ЕБОР.

Студијата наведува дека вештачката интелигенција би можела да создаде значителен раст на продуктивноста, но веројатно нема целосно да го компензира влијанието на демографскиот притисок врз растот во регионот на ЕБОР, објави „Фајненшл тајмс“.

Понатаму, таа предупредува на постојан пад на стапката на плодност во регионот на ЕБОР, што, како и во развиените економии, е последица на доцнења во раѓањето деца, промена на моделите на брак, економски притисоци и еволуирачки општествени норми.

Сепак, посткомунистичките земји стареат, наместо да се збогатуваат, се вели во извештајот, и се повикуваат креаторите на политики да работат „храбро и со долгорочна визија“ за да обезбедат просперитет на младите.

„Младите луѓе се оние кои ќе ги трпат последиците од одлуките донесени денес, отплаќајќи го јавниот долг или поддржувајќи ги пензиските системи“, рече Јаворчик, додавајќи дека промените треба да започнат сега.