Компаниите во земјава со слаб интерес за обновливи извори – потребни системски решенија

Компаниите во земјава, особено малите, средните и микро компаниите, многу малку се свесни и многу малку вложуваат во искористувањето на обновливите извори на енергија, изјави претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Ова, како што посочи Бошков, го покажува истражувањето за тоа колку македонските компании се подготвени да вложат во обновливи извори на енергија и со тоа да го намалат негативното влијание врз животната средина од енергијата која се користи за економска активност, на Бизнис конфедерација на Македонија, како едно од здруженијата на работодавци во земјава, со поддршка на Меѓународната организација на трудот.
“Очекуваме со анализата да ја поттикнеме и јавноста и бизнис заедницата, и нормално креаторите на политики за поттикнување и вложување и изнаоѓање помош, поддршка и олеснување во однос на намалувањето на штетните гасови во животната средина“, изјави Бошков.

Според Бошков, неопходно е повеќе мерки да се осмислат и вклучат, но исто така, и повеќе чинители како глобална акција.

Нашата порака е дека банките, освен системот за усогласување со животната средина, со доброто владеење и со социјалните политики, ќе треба на некој начин и да почнат на финансирање на инвестиции со фокус на зелената агенда, Парискиот договор или заложбите на македонското општество во насока на инвестирање. Од друга страна, компаниите ќе мора да размислуваат и ќе мора да го подигнат својот глас за да можат да бидат слушнати и да го покажат својот капацитет и својата иницијатива и волја за да можат да бидат вклучени и придонесат кон намалување на штетните гасови во животната средина, изјави Бошков.

Ниту бизнисот, ниту државата во моментов, како што посочи, поради недостаток на одредени мериторни податоци, не знаеме точно колкав ни е јаглеродниот отпечаток како држава. Ако македонскиот извоз го мериме во бројки и користиме податоци колку е искористена енергија од фосилни горива, појасни Бошков, ќе добиеме математика колкав е нашиот трошок и колку можеме да заштедиме во пари, за да можеме да знаеме колку е подобро да се инвестира, отколку да се плаќа казна или надомест.

„Оттука ќе можеме да излеземе со бројки кои ќе ни дадат насока, пари и средства. Ни недостасува фонд за да ги собираме тие пари. Ни недостасува законска регулатива, можеби законот за климатска акција што не е донесен, за да можеме ние да имаме основа да мериме што добиваме и што пропуштаме“, изјави Бошков.

Земјоделието, нагласи, како глобално, така и кај нас е еден од главните чинители во негативниот придонес во загадување на животната средина и учествува со повеќе од 30 проценти.

„Ова е порака и до Министерството за земјоделие дека вложувањето, олеснувањата и поттикнувањата на акции во земјоделието, како еден од загадувачите, треба да биде на повисоко ниво и треба да биде вклучено и во сите наши стратегии и развојни агенди“, нагласи Бошков.

Недостатоци, посочи Бошков, постојат и од приватниот сектор и од јавниот сектор, исто како што постојат и позитивни примери и компании кои имаат доста вложено и тоа од текстилната индустрија, градежништвото, металната индустрија, прехранбената, градежната, металургијата…

„За капацитетите на македонските компании за жал е точно, меѓутоа недостатокот на капацитети во јавниот сектор и спроведување на одредени анализи, закони и мерки треба да се зајакне и сметаме дека во следниот период со повеќе заеднички акции ќе треба ова што го напомнавме да биде на првата агенда и една од првите стратегиски мерки на државата и целото општество за да можеме да почнеме да мериме тоа што не знаеме колку ни влијае и дека ќе мораме да се вклучиме во глобалните текови во намалувањето на негативните ефекти врз животната средина“, изјави Бошков.

Како здружение на работодавци, нагласи Бошков, мораме да ја јакнеме свеста и мораме да ги застапуваме интересите на компаниите, односно, како што посочи, или да ги обучиме или да ги поттикнеме така да размислуваат.