ЕУ авиосообраќајот во подем – Македонија со 3,17 милиони патници

Воздушниот сообраќај во Европската Унија продолжи да закрепнува во 2024 година, а позитивниот тренд го почувствува и регионот, вклучително и Македонија. Според најновите податоци на Евростат објавени по повод Светскиот ден на цивилното воздухопловство, преку аеродромите во ЕУ минатата година поминале рекордни 1,1 милијарда патници, што претставува раст од 8,3 проценти во споредба со 2023 година. И македонските аеродроми го следат овој европски подем – преку нив патувале 3,17 милиони патници, бележејќи благ раст од 0,85 проценти.

Во понеделник, Евростат го одбележа Светскиот ден на цивилното воздухопловство, кој се слави секоја година на 7 декември, со објавување на статистички податоци за сообраќајот на аеродромите на Европската Унија во 2024 година.

Вкупно 1,1 милијарда патници поминале низ аеродромите на ЕУ минатата година, или 8,3 проценти повеќе во споредба со претходната 2023 година, кога имало 973 милиони.

Минатата година, воздушниот транспорт беше во пораст во сите земји од ЕУ – најголем раст на бројот на превезени патници беше забележан во Унгарија (+19,2 проценти), Чешка (+18,9 проценти) и Естонија (+17,8 проценти), додека најмал раст имаше во Шведска (+1,3 проценти), Бугарија (+3,8 проценти) и Франција и Ирска (+4,6 проценти секоја).

Вкупно 12,6 милиони патници беа превезени на хрватските аеродроми минатата година, што беше четвртиот највисок годишен раст во Европската Унија, од 16,5 проценти.

Словенија имаше 1,44 милиони патници, односно 13,3 проценти повеќе во споредба со 1,27 претходната година, додека во земјите кандидати за членство, Србија оствари 8,71 милиони патници (+3,9 проценти); Црна Гора 2,87 милиони (+15,1 процент) и Северна Македонија 3,17 милиони (+0,85 проценти).

Вкупниот воздушен транспорт на товар и пошта во ЕУ исто така се зголеми минатата година, за 8,7 проценти во споредба со 2023 година, иако Евростат забележува дека растот главно е поттикнат од зголемување од 10,8 проценти на транспортот со дестинации надвор од ЕУ, додека транспортот на товар во рамките на Европската унија остана речиси непроменет во споредба со 2023 година, забележувајќи само скромен раст од 0,1 процент – а домашниот транспорт – во рамките на поединечните земји-членки – падна за 4,3 проценти.

Најголем раст на товарниот транспорт по земји беше забележан во Унгарија (+65,9 проценти), Чешка (+43,7 проценти) и Грција (+36,7 проценти), додека падот беше забележан само во две земји од ЕУ – во Полска (-3,6 проценти) и Латвија (-2,7 проценти).

Рангирањето на 10-те најпрометни аеродроми во рамките на ЕУ остана речиси исто како и минатата година – првите девет аеродроми ги задржаа своите позиции, додека единствената промена се случи на последното десетто место.

Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз беше и останува на врвот по бројот на патници, низ кој поминаа 70,3 милиони патници (+4,3 проценти), по што следуваат амстердамскиот „Шипхол“ со 66,8 милиони патници (+8,0 проценти), мадридскиот „Барахас“ (+9,9 проценти), Франкфурт со 61,5 милиони (+3,7 проценти) и барселонскиот „Ел Прат“ со 54,9 милиони патници (+10,3 проценти).