Приходите од руска нафта на најниско ниво од пандемијата

Приходите од руска нафта се на најниско ниво од пандемијата, објави Меѓународната агенција за енергија.

Под комбинираниот ефект на војната во Украина и падот на цените, приходите од нафта на Русија паднаа на нивоа невидени со години.

Руските приходи од извоз на нафта и нафтени деривати достигнаа „најниско ниво“ во ноември од почетокот на војната во Украина, па дури и од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, наведува Меѓународната агенција за енергија во месечниот извештај.

„Падот на обемот на извоз, во комбинација со пониските цени, ги намали приходите на 11 милијарди долари (нешто повеќе од девет милијарди евра), што е за 3,6 милијарди долари помалку од истиот период минатата година и за 11,4 милијарди долари под просекот за првата половина од 2022 година по почетокот на инвазијата на Украина“, се додава во извештајот.