
Еден од најважните светски економисти и добитник на Нобеловата награда за економија, Џозеф Стиглиц, во Белград изјави дека Европа, поради големите предизвици, САД од една страна и Русија од друга страна, треба да се интегрира уште повеќе и подлабоко, но и да развие независен одбранбен и технолошки сектор што ќе ја зајакне европската економија.
Европскиот проект сега е порелевантен од кога било досега, а Европа треба да може сама да донесува одлуки, нагласи Стиглиц на предавањето за визијата за Европа од лична, интелектуална и политичка перспектива, што го одржа во Европската куќа, на покана на Францускиот институт во Србија.
„Во овој момент, навистина сум оптимист дека предизвиците со кои се соочуваме сега, поставени од Русија од една страна и САД од друга страна, ќе ја мотивираат Европа да се движи понатаму кон европската интеграција и да ја продлабочи таа интеграција“, нагласи Стиглиц.











