
Во среда, „Фолксваген“ официјално го отвори сопственото производство на батерии за автомобили, во првата фабрика на подружницата „ПауерКо“.
Фабриката во Залцгитер, во централна Германија, е изградена на местото на фабриката за мотори на „Фолксваген“. Од почетокот на работите во 2022 година, концернот инвестираше повеќе од една милијарда евра во тој објект.
„Фолксваген“ го планира истиот модел за уште две фабрики за батерии, во Валенсија и во Сент Томас. Почетокот на производството во тие две фабрики е планиран за следната година во Шпанија, односно 2027 година во Канада.
Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блумe, го опиша новиот објект како клучен елемент од стратегијата на концернот, нагласувајќи дека „Фолксваген“ е првиот европски производител на автомобили со сопствен развој и производство на батерии.
Според него, ова ја зајакнува позицијата и независноста на „Фолксваген“ во глобалната конкуренција.
Обемот на производство во Залцгитер првично е ограничен на само неколку стотици батерии дневно, но целниот годишен капацитет треба да биде доволен за околу 250.000 електрични возила.
Батериските ќелии од новата фабрика ќе бидат инсталирани во новите електрични градски автомобили на VW ID, Polo и Cupra Raval, чија презентација е планирана следната година во Шпанија.











