
Лани, Европската Унија забележа најголем број на отворени позиции во областа на менаџмент за продажба, маркетинг и развој, достигнувајќи 8,4%.
Ова сугерира дека за оваа професионална група постоела најизразена незадоволена потреба од работна сила, што имплицира потенцијални предизвици при наоѓање и вработување на соодветен кадар.
Овие статистички податоци се делумно базирани на нова методологија која вклучува употреба на податоци од онлајн огласи за вработување (OJA), поради што се објавени како експериментална статистика од страна на Евростат.
Следните категории со највисок процент на необезбедени работни места биле работниците во производството и помошните канцелариски работници (секоја група со 7,3%), работниците во продажба (6,1%) и стручњаците во областа на уметноста, културата и кулинарството (6,0%).
Околу 5,8% од слободните работни места се однесувале на работници во транспорт и магацини, 5,7% на менаџери во малопродажба и големопродажба, 5,4% на агенти за бизнис и услуги, 5,2% на оператори на машини и постројки, и 5% на инженерски професионалци, освен оние од електротехника.
Од Евростат нагласуваат дека иако професиите во јавниот сектор, како што се здравствените работници и наставниците, исто така може да се соочат со проблеми при пополнување на работни места, овие позиции поретко се огласуваат онлајн. Ова значи дека тие можат да бидат пониско рангирани или воопшто да не се прикажани во овие статистички извештаи.
Од друга страна, ИТ професиите може да бидат непропорционално застапени во податоците собрани од онлајн огласите за работа.











