
Просечниот месечен увоз на нафта во Европската Унија се намали за 18,3 проценти по вредност и 6,6 проценти по обем, во првите девет месеци од 2025 година, во споредба со месечниот просек за претходната година.
Спротивно на тоа, вредноста на увезениот течен природен гас се зголеми за 36,1 процент, а обемот се зголеми за 25,9 проценти, според Европската канцеларија за статистика – Евростат.
Вредноста на увезениот природен гас во гасовита состојба се зголеми за 3,1 процент, додека обемот се намали за 4,9 проценти.
Во третиот квартал од 2025 година, главни добавувачи на нафта во ЕУ беа Норвешка (14,6 проценти), Соединетите Американски Држави (14,5) и Казахстан (12,2 проценти).
Поголемиот дел од течниот природен гас (59,9 проценти) беше увезен од Соединетите Американски Држави, дополнителни 12,7 проценти од Русија и 7,7 проценти од Алжир.
Норвешка беше главен снабдувач на природен гас во гасовита состојба (51,8 проценти), Алжир беше втор најголем снабдувач (14,6 проценти), по што следуваше Обединетото Кралство (13,4 проценти).











