
„Сони“ објави дека постигнал дефинитивен договор со канадската компанија „ВајлдБрејн“ за стекнување на нејзиниот удел од 41 процент во популарната франшиза за Снупи и Чарли Браун, позната како „Пинатс“, за 457 милиони долари.
По завршувањето на договорот, за кој е потребно регулаторно одобрение, „Сони“ индиректно ќе контролира вкупно 80 проценти од „Пинатс холдингс“, објави „Варајети“.
Јапонската „Сони мјузик ентертејнмент“ вели дека целта на аквизицијата е понатамошен развој и зајакнување на глобалната вредност на брендот „Пинатс“, кој годинава го слави својот 75-годишен јубилеј.
Брендот „Пинатс“ е создаден на 2 октомври 1950 година, кога американскиот карикатурист Чарлс М. Шулц првпат објавил стрип со исто име во седум американски весници, пишува „Танјуг“.
Преку ликовите на кучето Снупи и децата како Чарли Браун и Луси, Шулц комбинирал едноставен цртеж со длабок, често филозофски хумор, што му донело на стрипот огромна популарност.
Со текот на децениите, „Пинатс“ се прошири во анимирани ТВ специјали, филмови и книги и стана глобален културен феномен.
По смртта на Шулц во 2000 година, брендот продолжи под надзор на неговото семејство, а денес опфаќа широк спектар на медиуми и производи и се рангира меѓу најзначајните франшизи во историјата на стриповите и забавата.











