
Русија ќе произведе околу 516 милиони тони сурова нафта до крајот на 2025 година, исто како и претходната година, додека за 2026 година е планирано мало зголемување на 525 милиони тони, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.
Овогодишното производство на нафта во Русија одговара на нивото од приближно 10,36 милиони барели дневно, додека следната година треба да се зголеми на 10,54 милиони барели дневно, што претставува зголемување од околу два проценти, пренесува Интерфакс.
На среден рок, во текот на следните пет години, производството би можело да достигне 540 милиони тони годишно, но за тоа би биле потребни нови инвестиции, особено поради преминот кон потешко достапни резерви, пренесува ТАСС.
Како што беше истакнато, понатамошниот раст на производството зависи од создавањето поповолни услови за привлекување инвестиции во секторот.
Зборувајќи за глобалниот пазар, Новак оцени дека понудата и побарувачката за нафта во моментов се избалансирани, што е став што го дели и картелот ОПЕК Плус, додека Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и повеќето аналитички компании очекуваат вишок на понуда на глобалниот пазар во 2026 година.











