„Алкалоид“ го објави бизнис-планот за 2026

Фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ АД Скопје го објави својот бизнис-план за 2026 година, кој предвидува продолжување на успешната патека со проектиран раст на продажбите. Со фокус на извозот, инвестициите во истражување и развој, како и нови вработувања, компанијата ги зацврстува своите позиции како лидер во регионот и глобално ориентиран бренд.

АЛКАЛОИД AД Скопје е компанија која девет децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.

АЛКАЛОИД АД е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има 5 капитално поврзани друштва во земјава, како и 22 капитално поврзани друштва и 2 претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, САД, Велика Британија, Романија и Казахстан).

Компанијата брои 2.200 вработени во земјава и 800 вработени во друштвата и во претставништвата надвор од Северна Македонија.

Нашата МИСИЈА е постојано да тежнееме кон поздрав свет, кон супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и кон континуиран успех. Императив ни е заштитата на интересите на сите вклучени страни. Основна определба ни е грижата за здравјето и за квалитетот на живот на секој човек, за системот на здравствена заштита и за животната средина. Нашата заложба е континуирано унапредување на здравјето на луѓето, што се рефлектира преку нашето мото ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ.

Нашата Визија

Нашата ВИЗИЈА е „Алкалоид“, како глобално ориентирана компанија, да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција. Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди.

Нашите вредности

„Алкалоид“ АД Скопје, при извршувањето на своите деловни операции, се потпира на највисоките етички норми и стандарди. Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех, а нашите клучни вредности се:

  • Луѓето пред сѐ
  • Интегритет и чесност
  • Ги креираме најдобрите резултати заедно
  • Лидерство базирано на вредности

Приходи од продажби

Бизнис-планот за 2026 година предвидува консолидирани продажби од околу 361 милиони евра, што претставува раст од 7 % во однос на очекуваните за 2025 година.

Продажби по сегменти

Сегментно, по профитни центри, 91 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 9 % ПЦ Хемија, козметика и билкарство.

Продажби по пазари

Се очекува 34 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % од извоз.

Планирани резултати

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 8 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2025 година.

Инвестиции

Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра.

Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице.

Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи.

Бизнис-планот за 2026 година предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ

Истражување и развој во АЛКАЛОИД АД Скопје повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на АЛКАЛОИД, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа.

Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите.

Бизнис-планот во 2026 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.

Животна средина и општествени прашања (ESG)

Изминатите неколку години како стратешки императив и приоритет го поставивме воведу-вањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за из-вестување во компанијата. Донесовме голем број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ESG-принципите.

Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојд-невието на секој еден вработен во АЛКАЛОИД, во сите земји каде што имаме воспоставено операции. Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во АЛКАЛОИД со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.

Вработени

Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2026 година очекуваме околу 50 нови вработувања во АЛКАЛОИД АД Скопје и во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен.

Акции

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 26.905,83 денари за една акција, што претставува раст од 24 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Цената на акцијата на последната трансакција на 29.12.2025 година изнесуваше 24.990,00 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2025 година изнесува 36 милијарди денари.

Дивидендна политика

Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.

Бизнис-планот на компанијата за 2026 година е донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година.

Финансиски календар Алкалоид АД Скопје

24.2. – 2.3.2026Објава – неревидирани единечни и консолидирани финансиски извештаи и образложение за остварените резултати за периодот јануари – декември 2025
27.2. – 6.3.2026Јавен повик за Годишното собрание на акционери
27.2. – 6.3.2026Објава – материјали за Годишното собрание на акционери
30.3. – 6.4.2026Годишно собрание на акционери
30.3. – 6.4.2026Одлука за употреба и за распоредување на добивката по годишната сметка за 2025 година
30.3. – 6.4.2026Одлука за утврдување датуми при исплата на дивиденда за 2025 година (дивиденден календар)
30.3. – 6.4.2026Објава – ревидирани финансиски извештаи за 2025 година
24.4. – 30.4.2026Објава – неревидиран единечен и консолидиран биланс на успех и образложение за остварените резултати за периодот јануари – март 2026
27.7. – 2.8.2026Објава – неревидирани единечни и консолидирани финансиски извештаи и образложение за остварените резултати за периодот јануари – јуни 2026
26.10. – 1.11.2026Објава – неревидиран единечен и консолидиран биланс на успех и образложение за остварените резултати за периодот јануари – септември 2026
25.12. – 31.12.2026Објава – Бизнис-план за 2027 година