
Агенцијата за катастар на недвижности во 2025 година обработила вкупно 1,040,137 предмети. Според соопштението, овој број претставува јасен показател за зголемена продуктивност и континуирана посветеност во пружањето квалитетни и навремени услуги.
Истовремено, од Катастарот информираат дека заостанатите предмети се целосно расчистени, а сите тековни барања се решаваат навремено, без одлагање и во законски утврдените рокови.
Дополнително, до Секторот за контрола и надзор при Агенцијата за катастар биле поднесени 577 жалби, од кои 556, или 96,4 проценти, се целосно разгледани и затворени.
Во однос на графичкиот регистар на градежно земјиште, примени се 3.878 предмети, од кои 3.863, односно 99,6 проценти, се успешно решени, што укажува на високо ниво на оперативност и ажурност.
Во текот на 2025 година, преку електронскиот систем е-Влада до Агенцијата за катастар биле доставени вкупно 416 барања за мислења, кои се одговорени во целост, достигнувајќи 100 проценти реализација за овој вид барања.
„Една од клучните заложби на раководството беше и системското намалување на заостанатите предмети, како и навремено постапување по новопристигнатите барања. Во таа насока, бројот на нерешени тековни предмети е намален за 47,4 проценти, додека бројот на тековно примени предмети во 2025 година е зголемен за 8 проценти, во споредба со 2024 година“, информира Агенцијата за катастар на недвижности.
Според директорот на АКН, Иван Живковски, поставените цели за 2025 година се постигнати, а бројките се најдобар доказ за тоа. Тој најави дека и во наредниот период Агенцијата ќе продолжи со интензивна дигитализација, унапредување на услугите и зголемување на транспарентноста.
„Овие резултати се јасен показател за подобрената организација, засилената контрола и зголемената ефикасност во работењето на Агенцијата за катастар на недвижности, со јасна цел – побрзи, поквалитетни и транспарентни услуги за граѓаните“, истакна Живковски.













