
„Шеврон“ и „Квантум Капитал Груп“ планираат да достават понуда за сите странски средства на „Лукоил“, проценети на 18,8 милијарди евра.
Американскиот нафтен гигант „Шеврон“ и менаџерот на фондови за приватен капитал „Квантум Капитал Груп“ ги здружуваат силите за да ги купат странските средства на санкционираната руска нафтена компанија „Лукоил“. Доколку купувањето биде успешно, тие планираат да ги поделат средствата, пишува „Фајненшл тајмс“. Не е познато колку планираат да понудат, објавува „Сибиз.еу“.
Понудата се однесува на сите странски средства на „Лукоил“, вклучувајќи ги постројките за производство на нафта и гас, рафинериските капацитети и повеќе од 2.000 бензински пумпи низ Европа, Азија и Блискиот Исток. „Лукоил“ ги проценува тие средства на 22 милијарди долари (18,8 милијарди евра), изјавија извори за британскиот весник.
Портпаролот на „Шеврон“ изјави дека „Лукоил“ има разновидно портфолио и дека компанијата продолжува да ги оценува потенцијалните можности, но одби да даде дополнителни коментари. „Шеврон“ претходно разгледуваше независна понуда за дел од средствата на „Лукоил“.











