По седми пат претприемач на годината

39

pretpriemaci-vistini-nevistini Традиционално и оваа годинава ќе се одржи манифестацијата Претприемач на годината, чиј мотив е да се наградат најдобрите мали и микро претпријатија и да се промовираат успешните претприемачи во Македонија.
Организаторите сметаат дека истакнувањето на позитивните примери кај претприемачите може да поттикне многумина да започнат свој бизнис и на тој начин да влијаат врз развој на претприемништвото во Македонија.
Од 2007 година до денес, манифестацијата го јакнеше својот кредибилитет и стана вистински бренд. И оваа година ќе бидат доделени прва и втора награда за најуспешни претприемачи во доменот на микро претпријатија и прва и втора награда во доменот на мали претпријатија.
Изборот се темели на податоци за микро и мали претпријатија на територијата на Република Македонија, што Координативното тело на Претприемач на годината ги добива од Централниот регистар на Република Македонија. За најдобри микро и мали претприемачи се сметаат оние, кои во последните три години од работењето го зголемиле бројот на вработените, имаат постојан раст на приходите и добивката, како и раст на инвестициите.
Престижната манифестација Претприемач на годината е иницијатива на Сојузот на стопански комори, на којашто се приклучија и Македонската развојна фондација за претпријатија, која оваа година одбележува 15 години од основањето и Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Покрај главните организатори, коорганизатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а организатор и институционален покровител е Министерството за економија.

Манифестацијата ќе се одржи денеска, во хотелот Александар Палас, со почеток во 19 часот.