
Глобалните цени на нафтата веројатно ќе се намалат оваа година, бидејќи зголеменото производство создава пазарни суфицити – иако геополитичките ризици поврзани со Русија, Венецуела и Иран ќе продолжат да генерираат нестабилност, велат аналитичарите на „Голдман Сакс“ во прогнозата објавена во недела.
Експертите од инвестициската банка ги задржаа своите претходни прогнози за просечни цени во 2026 година од 56/52 долари за барел за нафта од типот „Брент/ВТИ“ и изразија очекувања дека цените на „Брент/ВТИ“ ќе паднат на 54/50 во последниот квартал од годината, кога ќе се зголемат залихите во земјите на ОЕЦД.
„Растот на глобалните нафтени залихи и нашата прогноза за пазарен суфицит од 2,3 милиони барели дневно во 2026 година укажуваат дека ребалансирањето на пазарот ќе бара пониски цени на нафтата во 2026 година, со цел да се забави растот на производството во земјите надвор од ОПЕК и да се стимулира солиден раст на побарувачката – освен во случај на некои големи прекини во снабдувањето или намалување на производството од страна на ОПЕК“, изјави Голдман Сакс.
Брент се тргуваше во понеделник за околу 63 долари за барел, додека цената за Западен Тексас Интермедијар (WTI) беше 59 долари. Минатата година, 2025 година беше најлошата година за двата вида сурова нафта од 2020 година – цените паднаа за речиси 20 проценти во текот на изминатата година.
Политиките на американската влада и моментално ниските цени на нафтата ќе го ограничат растот на цените во текот на годината, а потоа цените би можеле да почнат да се опоравуваат во 2027 година, кога се очекува понудата надвор од ОПЕК да се забави, додека побарувачката продолжува солидно да расте.
Голдман Сакс очекува просечната цена на Брент/WTI во текот на годината да изнесува 58/54 долари за барел во 2027 година, што е за 5 долари пониско од претходните прогнози, поради растот на производството во текот на 2027 година во САД, Венецуела и Русија – за 0,3, 0,4 и 0,5 милиони барели дневно, соодветно.
На долг рок, се очекува значително закрепнување на цените кон крајот на деценијата, бидејќи Голдман очекува побарувачката да расте до 2040 година, по години слаби долгорочни инвестиции. Се предвидува дека цените на Брент/ВТИ ќе бидат во просек 75/71 долари од 2030 до 2035 година – исто така 5 долари пониски од претходните проценки.
Аналитичарите забележуваат дека ризикот за прогнозите за цените би можел умерено да се намали, поради понатамошно зголемување на понудата од земјите кои не се членки на ОПЕК, бидејќи не се очекува ОПЕК да го намали производството, и покрај геополитичките ризици.











