Светската банка ја зголеми прогнозата за економски раст во 2026 година на 2,6 проценти

Во извештајот „Глобални економски перспективи“  Светската банка ја зголеми прогнозата за светскиот економски раст во 2026 година од претходните 2,3 на 2,6 проценти.

Банката проценува дека глобалниот економски раст во 2025 година изнесувал 2,7 проценти, па затоа очекува само мало забавување оваа година.

Глобалната економија покажа поголема отпорност од очекуваната, и покрај зголемените трговски тензии и политичката неизвесност, се наведува во извештајот.

Во текот на изминатата година, економската активност беше поддржана од зголемување на залихите, силен апетит на инвеститорите за ризик и силен раст на инвестициите во вештачка интелигенција, додека синџирите на снабдување се прилагодија на повисоките трговски бариери.

Побрзиот раст од очекуваниот го заокружи петгодишното глобално закрепнување од рецесијата во 2020 година, најсилното во повеќе од шест децении, но во исто време ги маскираше големите разлики меѓу земјите, се додава во извештајот.

Иако развиените економии во голема мера остварија силно закрепнување – при што речиси 90 проценти од нив се над нивоата на приход по глава на жител пред пандемијата – повеќе од една четвртина од земјите во развој и пазарите во развој сè уште не ги достигнале нивоата од 2019 година, особено најсиромашните земји и државите кои страдаат од институционална кревкост.

Заменик-главниот економист на Светската банка, Ајхан Косе, предупредува дека економскиот раст е забавен, бидејќи во периодот од 2023 година до денес тој беше помеѓу 2,6 и 2,8 проценти, што е значително помалку од просекот од деценијата пред пандемијата, кога беше 3,2 проценти.

Глобалната инфлација во 2026 година би можела да се намали на 2,6 проценти, што е за 0,3 процентни поени пониско од претходно очекуваното. Се предвидува дека цената на суровата нафта од типот Брент ќе падне на 60 долари за барел во 2026 година од просекот од 69 долари во 2025 година.

Создавањето работни места останува приоритет бидејќи 1,2 милијарди млади луѓе ќе достигнат работоспособна возраст на пазарите во развој во текот на следната деценија.