
Минатата година, природните катастрофи предизвикаа штета од 224 милијарди долари, од кои осигурителите покриле околу 108 милијарди, објави мултинационалната осигурителна компанија Munich Re.
Една година претходно, штетата достигна 368 милијарди долари, од кои 147 милијарди беа осигурени, пренесува Бета.
Временските непогоди, како што е објавено, биле причина за 92 проценти од загубите во 2025 година и 97 проценти од осигурените загуби.
Исто така, се наведува дека околу 17.200 луѓе ги загубиле животите во природни катастрофи низ целиот свет, значително повеќе отколку во 2024 година (околу 11.000), но помалку од десетгодишниот или триесетгодишниот просек од 17.800 и 41.900, соодветно.
Поплавите, силните бури и пожарите во 2025 година донесоа загуби од 166 милијарди долари, од кои 98 милијарди беа осигурени, а штетата од овие разурнувања беше поголема од просекот за десет и 30 години. Научниците генерално се согласуваат дека ваквите природни катастрофи стануваат сè посериозни и почести во многу делови од светот.
Томас Блунк, член на Управниот одбор на Munich Re, нагласи дека е потребно прилагодување кон ризиците.
Тој рече дека неговата компанија, во согласност со повеќегодишната стратегија, е подготвена да ја искористи својата експертиза и финансиска сила за да преземе уште поголеми ризици од природни катастрофи и да ја зајакне осигурителната мрежа за глобалната економија.
Во исто време, главниот климатолог во компанијата за реосигурување од Минхен, Тобијас Грим, потсети дека претходните 12 години беа најтоплите во историјата и предупреди дека климатските промени би можеле дополнително да се влошат.











