ММФ: Германија ги престигнува Италија, Јапонија и Франција по раст

Германија би можела да се лизне од дното на економскиот воз на Групата седум водечки економии оваа година, сугерира нова проценка на Меѓународниот монетарен фонд.

Имено, ММФ го ревидираше нагоре очекуваниот раст на германскиот бруто домашен производ, на 1,1 процент, односно 0,2 процентни поени повеќе отколку што предвиде во октомври, пренесува ДПА.

Германија тесно избегна трета година по ред рецесија минатата година. БДП порасна за 0,2 проценти, најмалку во Г7.

Сепак, се очекува економијата да заживее со масовни државни инвестиции во инфраструктура, одбрана и климатска транзиција, како и со закрепнување на домашната потрошувачка, односно стабилна инфлација.

Доколку проценката на ММФ се оствари, оваа година Германија ќе ги прескокне Италија и Јапонија, за кои предвиде стапка на раст од 0,7 проценти, и Франција, чија економија ќе расте со стапка од еден процент.

Во исто време, проценката на ММФ за Германија е сè уште под она што го предвидува нејзината влада, што е раст од 1,3 проценти.

ММФ очекува раст од 1,3 проценти во Еврозоната, 0,1 процент над октомвриската прогноза. Новата прогноза за САД е плус 2,4 наместо 2,1 процент, а светската економија ќе порасне за 3,3 наместо 3,1 процент.

Сепак, ММФ предупредува на ризиците од можно пукање на меурот на вештачката интелигенција што „може да предизвика пад на инвестициите и ненадејна корекција на финансиските пазари“, како и на ефектите од можна ескалација на трговските конфликти.