
Европа треба јасно да покаже какви инструменти има на располагање, да демонстрира колективна решителност и да дејствува обединето, бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да ги заштити своите интереси во новиот меѓународен поредок, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
Во интервју за француското радио RTL, таа оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп „често применува трансакциски пристап“, како и дека „ја поставува летвата многу високо, на нивоа што понекогаш се целосно нереални, со цел да изнуди отстапки“, додека Европа треба да дејствува координирано и силно на ваквите потези.
Според неа, неизвесноста предизвикана од американската трговска политика е поголем проблем од инфлаторниот ефект на царините.
Лагард очекува дека инфлациското влијание на американските царини врз Европа ќе биде благ, а негативните последици ќе бидат поизразени во Германија отколку во Франција, објавува Ројтерс.
Таа истакна дека европските земји би биле многу поотпорни на вакви шокови доколку ги отстранат нетарифните трговски бариери во рамките на Европската унија.
Во саботата, Трамп објави воведување царини од 10 проценти за стоки од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, почнувајќи од 1 февруари, со можност за зголемување на 25 проценти почнувајќи од 1 јуни.
Како што изјави, новите царини ќе бидат во сила сè додека Соединетите Американски Држави не добијат дозвола да ја купат данската територија Гренланд.
Главните членки на Европската унија го оценија овој потег како политичка уцена и најавија одмазднички мерки, вклучително и воведување царини за американски стоки во вредност до 93 милијарди долари, објавија медиумите.











