Муратовска: Ако Брисел ги исполни барањата на превозниците, огромни придобивки за развој на економијата во државата и во Западен Балкан

Доколку се реализира најавата на транспортните превозници од Западен Балкан вo понеделник во нашата држава ќе се затворат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници како и од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина најавија дека вo понеделник ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини кои одат кон шенген зоната.

Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија “Макам–транс“ за МИА изјави дека се свесни за последиците од блокадата, но истакнува дека ако се реализираат нивните барања придобивките ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан.

Муратовска вели дека засега нема никакви сигнали од Европската комисија за какви било преговори во однос на решавање на проблемот со евиденција на престој во Шенген зоната согласно правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

– Доколку до понеделник не се добие каква било информација од ЕУ, протестот во сите четири држави ќа започне точно во 12:00 часот за сите возила кои излегуваат од државата, а за сите возила кои ќе влегуваат во државата, граничните премини се затвораат во 00:00 часот со цел сите кои се враќаат дома да можат да влезат и да се приклучат на протестот, изјави Муратовска.

Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во Шенген зоната, како што појаснува Муратовска, да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид на визи кои не се лимитирани со број на денови.

– Новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан вклучуваќи ја и Турција ( држави кои не се членки на ЕУ и Шенген зоната) поради прекин на синџирот на снабдување. А транспортната индустрија во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот ќе биде целосно разнишана, укажува Муратовска.

Протестот, истакнува, започнува на 26 јануари, а според реакцијата на ЕУ ќе зависи дали ќе започне или ќе трае кратко, но сепак максимално траење на блокадите ќе биде седум дена што е синоним за еден просечен циклус на превоз на стока.

– Во нашата држава се затвораат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српската страна. Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова ако се реализираат нашите барања ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан, изјави Муратовска.