Трамп ја тужи JPMorgan Chase за пет милијарди долари

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, поднесе тужба против банката JPMorgan Chase и нејзиниот извршен директор Џејми Дајмон, барајќи најмалку пет милијарди американски долари, тврдејќи дека најголемата американска банка му спречила да води сметки и да обезбедува банкарски услуги, односно дека го „дебанкарирала“.

Трамп, пишува Гардијан, наведува дека банката „JPMorgan Chase“ престанала да му обезбедува банкарски услуги по немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година, оценувајќи претходно овој месец дека банката „неправилно и несоодветно“ дискриминирала него и неговите компании.

Тужбата ја поднесе личниот адвокат на Трамп од Мајами, Алехандро Брито, кој е вклучен и во правните постапки на американскиот претседател против медиуми како што се ABC News и BBC за клевета.

Во тужбата се тврди дека JPMorgan ги ставил Трамп, Организацијата Трамп и поврзаните фирми, како и членовите на неговото семејство на црната листа и не им обезбедил никаков правен лек или алтернатива.

Адвокатите тврдат дека одлуката на банката е „конечна и недвосмислена“ и дека е резултат на „политички и социјални мотиви“.

Откако Трамп минатиот викенд објави на социјалните мрежи дека ќе поднесе тужба, „Џеј Пи Морган“ објави дека се согласува со фактот дека „ничија сметка никогаш не треба да биде затворена поради политички или религиозни убедувања“, пренесува Танјуг.

„Цениме што оваа администрација презеде чекори за решавање на политичкото дебанкарство и ги поддржуваме тие напори“, се вели во соопштението.