Крај на пустинската утопија: Саудиска Арабија радикално го крати проектот Неом

Амбициозниот проект на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман се соочува со реалноста, а футуристичкиот град Неом ќе биде значително намален и редизајниран, објавува „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, повеќегодишните одложувања, намалувањето на буџетот и пониските цени на нафтата ги принудија властите во Ријад радикално да го променат курсот, а ревизијата на проектот е во завршна фаза. Новите планови предвидуваат многу поскромна визија во споредба со оригиналниот концепт.

Извори запознаени со проектот велат дека престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој е и претседател на „Неом“, сега замислува проект од „многу помал обем“, што се толкува како признание дека првичната идеја била премногу амбициозна, со проблеми во комуникацијата и почетните фази на изградба.

Крај на сонот за град долг 170 километри
Најголемите промени го очекуваат „The Line“, централниот дел од гига-проектот. Првично замислен како линеарен град без автомобили, долг 170 километри, од брегот на Црвеното Море преку пустинските планини, овој концепт ќе биде целосно редефиниран.

„The Line“ веќе нема да биде долг 170 километри: Реалноста ги „стопи“ амбициите на Бин Салман

Според изворите, архитектите веќе работат на „поскромен“ редизајн, кој би ја користел инфраструктурата изградена во претходните години.

„The Line ќе биде сосема поинаков концепт и ќе ја користи постојната инфраструктура на многу поинаков начин“, изјави еден од изворите за Фајненшл тајмс.

Наместо утописки град од милиони, Неом би можел да стане индустриски центар, со фокус на центри за податоци, како дел од планот на Саудиска Арабија да стане глобален лидер во вештачката интелигенција (ВИ). Предноста на локацијата на брегот се одразува во можноста за ладење на серверската инфраструктура со морска вода.